Пиезоелектрична остеотомија и регенерација со PRF при ендодонтска хирургија на мултипни хронични периапикални лезии – приказ на случај
Вовед: Перзистентен или рекурентен апикален пародонтит може да се развие кај некротични нетретирани или несоодветно ендодонтски лекувани заби. Различни варијации кај каналната морфологија, можат да го оневозможат успехот од конзервативниот третман и да наложат потреба од апикална ресекција. Пиезохирургијата се базира на прецизна ултразвучна остеотомија при што најголемата предност е инертноста кон меките ткива и редуцираниот ризик од термална остеонекроза. Пиезохируршките инструменти се користат во сите фази од ендодонтската хирургија (остеотомија, ресекција на коренскиот врв, како и ретроградна канална препарација). Дополнително, употребата на тромбоцитно збогатени концентрати (PRF), допринесува за стабилизирање на коагулумот и неговата употреба во периапикалната хирургија е поврзана и со помал постоперативен морбидитет. Цел: Да се прикаже третманот на хроничен периапикален пародонтит кај ендодонтски третирани заби со помош на апикална хирургија изведена со пиезохируршка техника и употреба на тромбоцитно збогатен фибрин (PRF). Приказ на случај: На Клиниката за орална хирургија и имплантологија беше примен пациент на 40год. со екстензивни периапикални промени на забите 12, 23, 24, 25 носачи на протетска конструкција, но ендодонтски компромитирани. Постоеше гингивална инфламација и фистула во проекција на врвот на корените на 13 и 11. По завршување на конзервативното лекување, хируршкиот третман се состоеше од ресекција на корените на 12, 23, 24, 25, ретроградна пиезохируршка препарација и обтурација со МТА, како и екстракција на 11. Во екстракционата алвеола беа поставени PRF мембрани и сутури. Беше поставена привремена PMMA конструкција, а по 3 месеци дефинитивна протетска констукција од безметална керамика. Заклучок: Овој хируршки пристап надополнет со современите aугментативни техники претставуваат одлична солуција во третманот на ендодонтки компромитираните заби и заби со лоша прогноза. Клучни зборови: хронични периапикални лезии, пиезохирургија, PRF
Authors
- Bruno Nikolovski
- Ana Gigovska Arsova
- Biljana Evrosimovska
- Faton Bajrami
Publication Details
- Journal
- Goce Delchev University Repository (Goce Delčev University of Štip)
- Published
- 2025-09-18
- Primary Topic
- Military Technology and Strategies
- Type
- article
- Field-Weighted Citation Impact
- 0.00